ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ Е ПРОБЛЕМ ШТО НЕМА КОМБИЊА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ ЗАТВОРЕНИЦИ НА СУДЕЊА, А НЕ Е ПРОБЛЕМ НЕДОАЃАЊЕТО НА ОБВИНЕТИ ВО СЛУЧАИТЕ НА СЈО

    ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ Е ПРОБЛЕМ ШТО НЕМА КОМБИЊА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ ЗАТВОРЕНИЦИ НА СУДЕЊА, А НЕ Е ПРОБЛЕМ НЕДОАЃАЊЕТО НА ОБВИНЕТИ ВО СЛУЧАИТЕ НА СЈОЧленовите на Советот на денешната седница, на која што не присуствуваше министерот за правда, Биљен Саљији, побараа средба со министрите за финансии и за правда, како и средба со директорот на Управата за извршување санкции за да се изнајде решение за проблемот. - Од седница на Судскиот совет (архивска фотографија)

    Судскиот совет е загрижен и на денешната седница бараше решение како да се надмине проблемот што се одлагаат судења и по 15 пати, зашто немало комбиња за спроведување на притворени и осудени лица, обвинети во други постапки. Но, ниту збор на седницата не беше спомнат што се одлагаат судења со недоаѓање на обвинети со цел да се одолговлечи судската постапка или да не почне воопшто во случаите на СЈО.

    Таков е случајот со судењето за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски и за насилствата во Центар, чиј што почеток се одлага неколку пати, бидејќи главниот обвинет Никола Груевски доаѓа на закажаните рочишта, а не доаѓаат другите обвинети. Не почна ниту судењето на битолскиот градоначалник Владимир Талески за случајот „Транспортер“, бидејќи една од обвинетите не дојде поради застој во сообраќајот.

    Александра Зафировска на денешната седница рече дека 50% од причините поради кои се одложуваат судењата е токму неспроведувањето на обвинетите и притворени лица од казнено-поправните установи.
    „По 15, по 17 пати се одложуваат рочиштата за еден предмет поради неспроведување на притворените и обвинети лица“, загрижена е Зафировска.

    Членовите на Советот на денешната седница, на која што не присуствуваше министерот за правда, Биљен Саљији, побараа средба со министрите за финансии и за правда, како и средба со директорот на Управата за извршување санкции за да се изнајде решение за проблемот.

    Директорот на Управата за извршување на санкциите Јовица Стојановиќ, пак, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека веднаш штом дошол на функцијата, успеал да добие три комбиња, односно возила за спровод на осудени лица, бидејќи навистина го затекнал затворот „Идризово“ само со едно едвај возило на располагање. Возилата биле одземени во судски постапки со правосилни судски пресуди.

    Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски рече:
    „Со сите судии кривичари коишто имаат некое лице во притвор или во затвор договоривме определени денови во кои ги закажуваа судењата за полициското возило од затворот да носи повеќе лица со еден трошок, и така ги надминуваме проблемите. Во последните месеци има случаи во скопска единица кога притворените лица не се носат на судењата“. За ова, како што рече Караџовски, многупати е предупредено.
    „Доаѓаме до комплетна блокада“, изјави првиот човек на Судскиот совет. Ако е проблем буџетот, треба да го надмине Владата бидејќи ние не можеме сами да го решиме.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира