Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против 24 лица за кои постои основано сомнение дека со незаконско работење нанеле штета на Буџетот на Република Македонија во износ од околу 220.000 евра, соопшти Јавното обвинителство, откако утринава беше спроведена голема акција на МВР за апсење на осомничените. 15-мина од осомничените се службени лица вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подрачните единици на ова министерство, а останатите осомничени се физички лица и одговорни лица во правни лица во приватна сопственост.
Државните службеници, велат од обвинителството, се осомничени дека од 2011 до 2016 година ги пречекориле границите на своите службени овластувања при склучување и раскинување на Договори за закуп на земјоделско земјиште и одобрувале исплата по Програмата за финансиска подршка во земјоделството – субвенции.
Како што соопштија од обвинителството, утринава била спроведена координирана акција со МВР во повеќе населени места на подрачјето на Скопје, Тетово, Гевгелија и Валандово.
„Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 24 лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик. Со своето незаконско работење нанеле штета на Буџетот на Република Македонија во износ од околу 220.000 евра. Меѓу осомничените се 15 службени лица вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подрачните единици на ова министерство, а останатите осомничени се физички лица и одговорни лица во правни лица во приватна сопственост“, соопшти Јавното обвинителство
Надлежниот јавен обвинител до судија за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Предлог за определување на мерка притвор против седум осомничени лица.