Филмот „Исцелител“, дебито на Ѓорче Ставрески чиј работен наслов беше „Тајната состојка“ ќе има светска премиера на прeстојниот филмски фестивал во Солун од 2-12 ноември, во програмата Балкански преглед. Филмот е македонско-грчка копродукција.
„Солунскиот интернационален филмски фестивал е еден од најизвиканите во Југоисточна Европа и чест ми е што ќе ја претставуваме Македонија на еден таков престижен настан. Задоволството и одговорноста се уште поголеми во момент кога сакаме да ги подобриме разнишаните односи со соседите и доколку филмот биде макар еден мал мост меѓу двете култури, јас ќе бидам презадоволен“, вели Ставрески.
„Исцелител“ е е црна комедија за механичар од железничко депо кој немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак, меѓутоа е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и соседите душкала кои во него гледаат нова надеж, исцелител.
Филмот се снимаше на крајот на 2015 во Скопје, главните улоги ги играат Благој Веселинов и Анастас Тановски. Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф Симо Бранов, костимограф Раде Василев, а композитор Бранислав Николов. Во продукција на „Фрагмент филм“, продуцент е Ѓорче Ставрески.