Активисти во борбата против нуклеарното оружје се добитници на годинашната Нобелова награда за мир.
Станува збор за Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје (ИЦАН), организација со седиште во Женева, која го поттикна усвојувањето на историскиот договор за забрана на овој вид на оружје.
„Воодушевени сме, ова е одлична вест. Ова е големо признание за борбата што нашите активисти ја водеа изминативе години, особено Хибакуша. Нивното наследство беше клучно за овој неверојатен успех“, изјави портпаролката на ИЦАН, Даниела Варано, алудирајќи на преживеаните на атомските бомби во Јапонија.
ИЦАН се опишува себеси како коалиција на самоиницијативни невладини групи од повеќе од 100 земји. Таа почна со работа во Австралија, но официјално стартуваше во Виена во 2007 година.
„Организацијата ја добива наградата поради нејзината работа на привлекувањето внимание кон катастрофалните хуманитарни последици од употребата на кое било нуклеарно оружје и поради нејзините историски обиди да се воведе негова забрана“, изјави претседателката на Нобеловиот комитет, Берит Рајс-Андерсен.