Официјалниот претставник на шпанската влада во Каталонија се извини за насилното однесување на полицијата за време на референдумот за независност, што се одржа во неделата.
Тоа е прво извинување од страна на централната власт и се сфаќа како помирувачки гест кон каталонската влада, која најави дека в понеделник еднострано ќе прогласи отцепување на регионот од Шпанија. Уставниот суд го прогласи тој потег за незаконски и му забрани на регионалниот парламент да одржи седница.
„Кога ги гледам сликите како ги удираат луѓето и ги влечат по улица, не можам да не изразам жалење за тоа што се случи. Затоа сакам да се извинам во името на полицајците кои интервенираа“, изјави Енрик Милјо.
Во полициската акција на спречување на гласањето беа повредени над 900 луѓе, според министерството за здравство на Каталонија.