СПИН БЕШЕ ДЕКА СО ГРЦИЈА СЕ РАЗГОВАРА ЗА РЕВИЗИЈА НА УЧЕБНИЦИ, РЕЧЕ ДИМИТРОВ ВО БИТОЛА

    СПИН БЕШЕ ДЕКА СО ГРЦИЈА СЕ РАЗГОВАРА ЗА РЕВИЗИЈА НА УЧЕБНИЦИ, РЕЧЕ ДИМИТРОВ ВО БИТОЛАМинистерот за надворешни работи Никола Димитров во Битола кажа дека изминатиот период во Македонија имавме шизофрена ситуација зашто го браневме идентитетот, комплицирајќи го со процесот на антиквизација. (Фото: СДК.МК)

    Спин беше дека со Грција се разговара за ревизија на учебниците и тоа само на македонските, рече денес во Битола македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. На вчерашната средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека разговарале за тоа како да се унапредат односите меѓу двете земји, а не за ревизија на учебници.

    „Македонија под Груевски беше искомплексирана и исплашена, па било каков разговор со Грција се толкува негативно затоа и спинот беше дека ќе разговараме за ревизија на учебниците“, рече Димитров.
    Тој додаде дека кога двете држави се во фаза на помирување треба да се види што во Грција се мисли за Македонија и обратно кај нас за нив.

    „Оттаму и претходно на средба во Њујорк беше кажано дека можат да се сретнат експерти историчари, да поразговараат, да видиме дали има потреба, а не е договорена комисија“, додаде Димитров.
    Тој уште рече дека во изминатиот период во Македонија имавме шизофрена ситуација зашто го браневме идентитетот, комплицирајќи го со процесот на антиквизација. Сега пак, Коѕијас вели дека дел од спорот не е јазикот и идентитетот.

    Димитров порача дека ќе води политика што ќе даде аргументи на оние сили во Атина кои не сакаат да нѐ блокираат и дека ќе создаде услови да биде непријатно пак да нѐ блокира Грција.  Уште кажа дека со градоначалникот на Солун зборувале за заеднички проекти во кои што ќе се вклучат и македонски општини, па заедно со грчките ќе ги нудат винските патишта во двете земји на германски туристи.

    Најави и дека се во последна фаза од преговори за евтин кредит или грант со јапонската агенција за развој Џајка и компанијата Мицубиши за вложувања во производството во РЕК да стане поеколошко.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира