Премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, не ја исклучи можноста за суспендирање на автономијата на Каталонија, чии власти најавија дека наредната недела еднострано ќе прогласат независност.
Мадрид не ги признава резултатите од минатонеделниот референдум, што го прогласи за неуставен и Рахој вели дека каква било декларација за независност на Каталонија нема да има ефект.
„Владата ќе ги преземе сите мерки, со кои ќе обезбеди декларацијата за независност да нема никакво значење“, изјави Рахој во интервјуто за весникот „Ел Паис“, додавајќи дека дополнителните полициски сили ќе останат во Каталонија сѐ до завршувањето на кризата.
Владата има можност и да го активира членот 155 од уставот, со кој на Мадрид му се дозволува да ги преземе ингеренциите на власта во некој автономен регион.
„Не ја исклучувам ниту една опција која е во рамките на законите“, изјави Рахој.
Се очекува каталонскиот претседател Карлес Пуигдемонт да се обрати во регионалниот парламент во вторник попладне, иако уставниот суд го забрани одржувањето на оваа седница.