Мјузиклот „Тајно моја“ во режија на Тони Михајловски, кој чинеше 100 илјади евра, е симнат од репертоарот на Македонската опера и балет (МОБ) до крајот на 2017 година, а неизвесна е и балканската турнеја. Мјузиклот во чест на Тоше Проески, по либрето на Огнен Неделковски премиерно беше изведен на 24 март годинава, и имаше десет изведби.
Минатата недела, в.д. директорот на МОБ Илија Рајковски на прес најави дека имало преговори за балканска турнеја на „Тајно моја“, но засега се откажува.
Според него, парите за турнеја со кои располага МОБ, 20 илјади евра се премалку, и како што рече, во договор со организаторите на турнејата од Словенија, неизвесно е нејзиното одржување, бидејќи побарал државна финаниска ревизија за досегашното работење на куќата.
Парите за „Тајно моја“ беа обезбедени од Министерството за култура, бидејќи проектот беше дел од годишната програма на МОБ. Претходно, за потребите на претставата имаше кастинг талент шоу, кое почна на 28 ноември 2016 година, како копродукција на МОБ и телевизијата Канал 5. Кастинг-талент шоуто се финанисираше од сопствени средства на МОБ, добиени по пат на спонзорства од компании кои се рекламираа во шоуто.
Целта беше да се изберат едно момче и едно девојче, кои ќе ги толкуваат главните улоги во мјузиклот во продукција на МОБ.
Талент- шоуто траеше 2 месеци, од 108 кандидати беа избрани 12 финалисти, и сите учествува во мјузиклот. Победници беа Антонија Гиговска и Денис Димовски.
Во жирито беа Игор Џамбазов, Сара Мејс и Игор Дурловски, кој беше директор на МОБ во тој период.
Менаџери од Словенија, кои главно работат со светски имиња и ги носат на Балканот, се обратиле до МОБ за организација на турнеја на „Тајно моја“, која би се одржала од октомври до декември во Белград, Загреб и во Љубљана. Словенците се обврзале да ги обезбедат сите средства за патувањето до трите градови и дневници за учесниците (музичари, кореографи, балетски ансамбл, технички лица), а МОБ да учествува со 20 илјади евра добиени од Министерството.
Рајковски на пресот рече дека дополнително била побарана измена во песните, т.е. да се користат српските песни, што било прифатено.
Аранжманите на песните се на Кокан Димушевски и Сони Петровски, кој во времето на подготвките на мјузиклот беше уметнички директор на Операта. Во претставата настапуваат Оркестарот, Хорот и Балетскиот ансамбл на МОБ.
Мјузиклот „Тајно моја“ е проект во копродукција со фондацијата „Тоше Проески“ во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда по повод 10 години од неговата прерана смрт.
Мјузиклот е базиран на музичките хитови на Toше Проески, како „Тајно моја“,„ Немаш ни благодарам“, „Игри без граници“, „Полско цвеќе“, „Усни на усни“,„ Сонце во твоите руси куси“.
Б. НЕСТОРОСКА