Фудбалската федерација на САД соопшти дека нема основа да се жали, откако нејзината репрезентација не се квалификуваше на Светското првенство 2018 во Русија, како резултат на фантомскиот гол на Панама на средбата со Костарика.
Панама славеше со 2:1 и за првпат ќе игра на светските првенства, но гватемалските судии направија голем превид во 52. минута, кога го признаа голот на Габриел Торес, иако од снимките јасно се гледа дека топката не ја поминала гол-линијата.
Видео-технологијата не можеше да помогне во овој случај, бидејќи таа не се користеше во овие регионални квалификации.
На тој начин беше оштетен и Хондурас, кој ќе мора да игра бараж, додека САД завршија дури на петтото место во групата и ќе пропушти СП за првпат од 1986 година.
„Колку што знам, нема основа да се жалиме. Одлуката на судијата е конечна и неотповиклива“, изјави портпаролот на Фудбалската федерација на САД, Мајкл Камарман.
Сепак, оштетените страни можат да се повикаат на преседанот од минатиот месец, кога ФИФА го поништи квалификацискиот натпревар Јужна Африка-Сенегал токму поради голема судиска грешка. Таа ќе се игра повторно на 10 ноември и сѐ уште ѝ дава шанса на Јужна Африка да се пласира на СП.