Владата доставила барање за мислење од Државното правобранителство и до МВР да се истражат консултантските договори за надворешните советници Александар Никовски, Џорџ Р. Пери и Ехшуа Шуки Гвајтман. Само на Никовски, син на поранешниот дипломат Ристо Никовски, кој беше дежурен жесток бранител на политиките на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, Владата по разни основи му исплатила речиси 220 илјади евра.
„Постојат индиции дека потписот на Мартин Протоѓер, тогашниот шеф на кабинет на Никола Груевски, е во спротивност со членот 6 од Одлуката за формирање канцеларија на претседателот на Владата, со што овие договори би биле ништовни. Очекуваме и мислење од Правобранителството дали трошоците што тогашната Влада му ги одобрила на советникот Никовски може да сметаат за трошоци за службени активности“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција и наведе дел од трошоците.
Покрај месечниот надомест од 3.000 евра, на Никовски дополнително за авиобилети му биле исплатени над 30.000 евра, за угостителски услуги 23.000 евра, за такси и превоз 5.500 евра, за подароци 2.500 евра и за други трошоци 6.000 евра. Како што кажа Бошњаковски, Никовски, на име трошоци, според документацијата со која што располага Владата, потрошил 75.500 евра а дополнително добил 147.000 евра или вкупно од Буџетот на РМ, тој добил 217.490 евра.
Владиниот портпарол, исто така, рече дека Владата до МВР поднела барања за истрага за специфични набавки, тендери и договори за кои што постојат основани индиции дека со нив е направена штета на Буџетот. Тој ги презентираше случаите за набавка на авиобилети од страна на Службата за општи и заеднички работи од 2014 до 2017 година и за сомнителните набавки за ПУИГ од страна на фирмата „Атриум“, чиј што сопственик е пратеникот Крсто Мукоски.
Г. ТРПЕНОСКИ