ИСПРАВИВМЕ ИСТОРИСКА НЕПРАВДА, КАЖА АЦЕ КОЦЕВСКИ ПО ПОБЕДАТА ВО ВЕЛЕС

    ИСПРАВИВМЕ ИСТОРИСКА НЕПРАВДА, КАЖА АЦЕ КОЦЕВСКИ ПО ПОБЕДАТА ВО ВЕЛЕСВо Велес победи концептот за заеднички живот, кажа Аце Коцевски на прославата (Фото: СДК)

    Аце Коцевски прогласи победа на локалните избори во Велес.

    Според неофицијалните резултати од неговата партија СДСМ, тој водел со 4.000 гласови повеќе во однос на противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Славчо Чадиев. Со шампањско се славеше победата во центарот на Велес.

    „Со задоволство информирам дека во Велес победивме во првиот изборен круг, со убедлива предност од околу четири илјади гласови. Им се заблагодарувам на моите сограѓани, кои ми ја дадоа победата и така се исправи една голема историска неправда, која ми беше направена во двата претходни изборни циклуса, со подмитување, вршење притисок и закани. Овојпат, тоа не можеа да го направат. Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Општината. Единствена желба ми е Велес да биде најдобра општина, општина за пример. Во Велес не победи концептот на новата ера, туку победи концептот за заеднички живот“, изјави Коцевски и објави дека сопреле обид за купување гласови во месноста Рамина.

    „Во истата куќа, кадешто алфите чуваа стража пред четири години, се делеа пари и се купуваа гласови како на пазар. Овојпат, го спречивме тоа со наши активисти. Не е наш стил на работа да купуваме гласови. Ги спречивме незаконските активности на противниците да купуваат гласови на сиромашните Роми“, потенцираше Коцевски.

    Според претседателот на ОО на СДСМ Велес, Панче Иванов, тие по пребројани 50 отсто од избирачките ливчиња, водат со 1.500 гласови и имаат мнозинство на советници.

    П. Печков

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира