Натпреварот од Првата женска фудбалска лига помеѓу Борец од Велес и Атлетико од Битола е под истрага, потврдија и Фудбалската федерација на Македонија и МВР.
Средбата заврши со победа на велешанки од 6:2 (полувреме 3:2), а она што е чудно е однесувањето на гостинките, кои, според присутните на стадионот, се труделе да загубат по секоја цена.
„По водството на Атлетико од 2:1, член на раководството на клубот втрча на терен, викајќи ‘што ви е на вас, сакате да ме убијат‘. Младите фудбалерки на Атлетико потоа почнаа да плачат и да фрлаат дресови, промашија пенал, а во еден момент ѝ ја подарија топката на фудбалерка на Борец, која потоа лесно постигна гол. На крајот, Атлетико заврши со два исклучени играчи“, вели гледач на натпреварот.
Се шпекулира дека средбата била ставена на обложувалници на Далечниот Исток со висок коефициент за „еден во еден“ (победа на домашните на полувреме и крај). Главниот судија и Борец ги пријавиле настаните во ФФМ, чиј портпарол Златко Андоновски потврди дека средбата е под истрага.
„До Одделот за криминалистичка полиција ФФМ испрати две известувања. Тие се доставени до надлежен јавен обвинител при ОЈО–Велес, кој раководи со истражните дејствија“, стои во писмената информација добиена од МВР.
П. Печков