До Нова Година делумно ќе се реши проблемот со вентилацијата на Клиниката за гинекологија и акушерство, каде доводот на воздух е ист и за родилни сали и за операциони сали, а ист е и за интензивната нега. Дотогаш треба да стигнат апаратите за прочистување на воздухот, вели директорката Викторија Јовановска.
„Проблемот со доводот на воздух на клиниката е уште при изградба на новата зграда, односно направен е еден довод за секаде. Според сите стандарди, недозволиво е да се меша воздухот од родилните сали со тој на интензивна нега или во операционите сали. По завршување на локалните избори ќе распишеме тендер за набавка на апарати за прочистување на воздухот. Но, со нив само делумно ќе се реши проблемот“, вели Јовановска.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат пред десетина дена соопшти дека не гарантира за исправноста на филтрите од системот за вентилација на Клиниката, по вонредниот надзор што беше направен на Гинекологија, откако на интензивната нега во иста ноќ починаа четири предвреме родени бебиња. Според директорката на државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова, од Службата за општи и заеднички работи на клиниките, кои вршат сервисирање на филтрите на системот за вентилација, не добиле ниту спецификации ниту динамика кога последен пат се заменети филтрите на оваа клиника. Таа кажа дека ова е само еден од проблемите на Гинекологија, и дека интензивната нега за предвреме родените бебиња е пренатрупана, бидејќи има капацитет за 25 деца, а во моментот на надзорот имало 49 бебиња, односно по две бебиња во еден инкубатор.
Според Сотирова Бухова, ова се само дел од причините за зголемената смртност на новороденчиња на Гинекологија, која годинава заклучно со 30 септември изнесува 127 бебиња. Лани на Гинекологија починаа 184 бебиња. Инспекторатот на Клиниката ѝ постави рок од шест месеци да го реши проблемот со вентилацијата.
„Ќе распишеме тендер за повеќе градежно технички работи, како за одвојување на доводот на вентилацијата, така и за поправка на кровот кој тече и за замена на лифтовите, оти секој ден се расипува по еден. Дали ќе успееме тоа да го направиме во дадениот рок не знам, ама мора да ги подобриме условите“, рече Јовановска.
Таа вели дека проблемот со пренатрупаноста на интензивната нега за предвреме родените бебиња ќе го решат така што ќе отворат нова интензивна нега во новата зграда, која треба да се гради на местото на поранешната зграда на Гинекологија. За овој објект поранешната влада на Никола Груевски ја задолжи Македонија со 72 милиони евра, а Никола Тодоров како технички министер за здравство нецели две недели пред изборот на новата Влада потпиша договор со домашните градежни компании Гранит и Бетон и италијанската компанија Инсо Системи. Сегашниот министер Арбен Таравари, кој е еден од двајцата кандидати кои ќе се борат во вториот круг од локалните избори за градоначалник на Гостивар, кажа дека заедно со Европската централна банка и со Владата прават ревизија на договорот.
„Разговараме да се направи една нова заедничка интензивна нега за неонатологија, и за Детска клиника и за Клиниката за гинекологија, која ќе работи по унифицирани протоколи. Во моментов, кај нас просторот е проблем. Според светските протоколи за едно бебе на интензивна нега треба да има девет метри квадратни, а за бебе на полуинтензивна нега шест метри квадратни. Тоа во моментов кај нас не е запазено, оти сме пренатрупани. А бидејќи сме терциерно здравство, сите недоносени и сите бебиња на кои им е потребна интензивна нега мора да ги примиме. Ако не е запазен протоколот за соодветен простор можноста за инфекции е многу голема. Тоа секако влијае на зголемениот број смртни случаи. Но, на голем дел од предвреме родените бебиња, особено на оние родени меѓу 22 и 25 гестациска недела, шансите за преживување им се многу мали или никакви, без оглед на условите“, вели Јовановска.
Таа додава дека оваа заедничка интензивна нега е планирано да биде под капа на Владата.
„Се подготвуваме и за донаторска кампања, со која сакаме да собереме средства за да се инвестира во сè она што со години е пропуштено, или не е направено како што треба“, вели Јовановска.
Е. БОЧВАРОСКА