Феноменот на ветробранско стакло сега и официјално е потврден.
Научниците долго време се сомневаа дека бројот на летечки инсекти се намалува и сега дојдоа до нови докази за тоа, но причините се непознати.
Истражувањето спроведено во 63 заштитени области во Германија покажа дека бројот на летечките инсекти се намалил за 75% во последните 30-ина години.
„Ова го потврдува она што многумина го чувствуваа: денес помалку инсекти се смачкуваат на ветробранско стакло кога возите. Првата студија требаше да покаже колкава е биомасата на летечките инсекти и резултатите се загрижувачи“, вели холандскиот ентомолог Каспар Халман.
Податоците опфаќаат илјадници најразлични инсекти, како пчели, пеперутки и молци. За драматичното намалување на нивниот број научниците немаат објаснување, бидејќи се случува без оглед на временските прилики, живеалиштето и користењето на земјиште.
„Не знаеме точно од што е предизвикано ова. Земјоделските предели станаа вистинска пустина за инсекти, но големо изненадување е што ова се случува и во заштитени природни резервати“, додава д-р Ханс де Крон, супервизор на истражувањето.