Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од четирите барања за разрешување на судијки од Основниот суд Скопје 1 за опструирање на случаите на СЈО, добила известување дека се одбиени од Советот за утврдување факти за разрешување на судии само за две, Татјана Михајлова и Елена Илиевска – Јосифовиќ. А неофицијално, сите 4 иницијативи се отфрлени. Јанева поднесе иницијативи против: Татјана Михајлова, Лидија Петровска, Александра Поп Стефанија и Елена Илиевска – Јосифовиќ.
На 28 март, Јанева поднесе иницијатива за разрешување на Михајлова за нестручно и несовесно вршење на функцијата и за други неправилности во водењето на судскиот процес за насилствата во Центар и за нарачаните шамари за ексградоначалникот Андреј Жерновски, каде првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
На судењето на 22 февруари, кога Михајлова ги казни Јанева и ибвинителката Фатиме Фетаи со по 2.000 евра зашто се бунеа како таа го фалсификува записникот од судењето, Фетаи објасни каде Михајлова го фалсификувала записникот од претходното рочиште:
„Кога јас и одбраната се изјаснувавме по однос на употребливоста на незаконски следените комуникации, јавноста беше исклучена . Потоа, кога новинарите се вратија, судијата со тивок глас прочита дел од она што беше кажано од наша страна. Во записникот е наведена сосема обратна ситуација, дека јас сум се произнела во присуство на јавноста и дека јавноста била исклучена единствено во делот кога се слушале аудиоснимките, што не е воопшто точно“.
Јанева истовремено поднела и претставка за разрешување против судијката во претходна постапка Александра Поп Стефанија, исто така, за кршење на Законот за кривична постапка, за нестручно, несовесно работење и за злоупотреба на функцијата. И во нејзиниот случај се работи за обвинувања од СЈО за незаконско водење на постапката против тогаш осомничениот Горан Грујевски.
Петровска беше пријавена во Советот за утврдување факти дека нестручно, ненавремено и несовесно ја води постапката против Грујевски, која уште е на почеток и е заглавена во подготвителна расправа. Петровска бараше од СЈО да бара дозвола од УБК, која патем прислушувала, за да ги користи класифицираните информации како докази. СЈО, се истакнува во претставката, цело време ѝ укажуваше на Петровска дека не е забрането класифицирани информации да се користат како докази во судска постапка.
- СЈО ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА СУДИЈКИТЕ ВО ПРОЦЕСИТЕ ПРОТИВ ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ
- ЈАНЕВА ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА СВАРОВСКИ СУДИЈКАТА ПЕТРОВСКА И КОЛЕШКАТА ПОП-СТЕФАНИЈА
- НА НЕКОЛКУ СУДИИ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ЗАБРАНИ ДА РАБОТАТ ВО ПРАВОСУДСТВО, ПРЕПОРАЧА ПРИБЕ
Освен тоа, СЈО ја пријавува Петровска и дека не му ги доставува тонските снимки од подготвителните рочишта, што е противзаконско.
Александра Поп Стефанија, пак, Јанева во претставката ја обвинува за намерна повреда на правилата за правично судење, за пристрасност, за злоупотреба на судиската функција и за пречекорување на службените овластувања.
Јанева бара нејзино разрешување поради, како што наведува, континуирано одбивање на барањата на СЈО, или прогласување на одредени дејствија на СЈО за незаконски, без притоа да ги образложи тие одлуки.
Таа, наведува Јанева, ја прогласила за незаконита постапката за претрес на домот на Грујовски, зашто осомничениот не бил присутен, а тој бил всушност во притвор и не можел да биде присутен. СЈО имало обезбедено наредба за претрес, тврди Јанева.
Исто така, Поп Стефанија на едно од итните барања за претрес, место за 12 часа, на СЈО му одговорила за три дена, со што го повредила Законот за кривична постапка.
На 9 мај Јанева добила известување дека иницијативата против Михајлова е отфрлена како неоснована. Потоа на 23 мај била известена дека и против Илиевска – Јосифовиќ иницијативата за разрешување е отфрлена. Советот за факти уште не испратил допис за Петровска и Поп Стефанија. Но, вчера претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, кажа дека таму не стигнал никаков предмет за разрешување на овие 4 судијки од Кривичниот суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА