Американската влада го испочитува крајниот рок и објави 2.800 претходно класифицирани документи, поврзани со атентатот на претседателот Џон Кенеди во 1963 година.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека јавноста заслужува да биде целосно информирана за овој настан, кој изминативе децении беше предмет на низа теории на заговор. Сепак, на барање на национални безбедносни агенции во последен момент, Трамп, кој имаше право да стави вето, се согласи некои документи да останат тајни.
Околу 300 документи останаа необјавени и Трамп побарал од агенциите да му достават писмено објаснување за нивното барање тие да бидат редактирани.
Еден документ открива дека ФБИ ја предупредило полицијата дека постојат смртни закани кон атентаторот Ли Харви Освалд.
„Ние веднаш го известивме шефот на полицијата дека на Харви треба да му се обезбеди посебна заштита. Сепак, тоа не беше направено“, напишал тогашниот директор на ФБИ, Едгар Хувер.
Освалд беше убиен само два дена подоцна.
Во документите се зборува и за патувањето на Освалд во Мексико, каде што тој „се сретнал со неименуван офицер на КГБ од оддел одговорен за саботажи и атентати“.
Друг документ открива дека советските власти стравувале дека „неодговорен американски генерал би можел да лансира ракета кон Советски Сојуз по убиството на Кенеди“.
Кенеди беше убиен во Далас на 22 ноември 1963 година и комисијата на Ворен заклучи дека нема докази дека Освалд и неговиот убиец Џек Руби биле дел од некој поширок заговор, домашен или меѓународен. Оттогаш, повеќе од 90% од документите веќе станаа достапни за јавност.