Десетина реконструирани железнички станици на Коридорот 10 една година стојат затворени оти Македонски железници-инфраструктура не побарала технички прием од Министерството за транспорт и врски. Зградата на Железничката станица во Велес, на пример, е заклучена оти нема технички прием, иако реконструкцијата заврши уште во октомври, лани. Не е достапна за патниците, па тие мора билети да купуваат преку импровизиран шалтер на отворено. Истата судбина ја имаат и железничките станици во Чашка, Градско и Богомила, Демир Капија, Неготино, Гевгелија, Прилеп, Битола, кои се реновирани ама не се официјално предадени за користење.
„Од Македонски железници-инфраструктура пред една недела поднесоа барање до Министерството за транспорт и врски да се формираат комисии и да се направи технички прием на 10-на железнички станици на Коридорот 10. Кога ќе се потпишат тие решенија, очекуваме веќе следниот месец да бидат пуштени во функција станиците“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Неофицијално, раководството на Македонски железници од непознати причини подолго време имало отпор да се формираат тие комисии и да се изврши технички прием на станиците.
Во меѓувреме, вработените од Железничката станица Велес велат дека во зградата кај шалтерот за билети има влага, која никако не може да се отстрани, ниту се знае како се појавува и од каде доаѓа. Во текот на јануари, кога имаше многу ниски температури, времено беа отворени вратите од чекалницата, за да не стојат патниците на снег и мраз, но потоа пак се затворија, чекајќи официјално пуштање во употреба.
П. ПЕЧКОВ