Седумдесет и пет музичари од Македонскиот радио- симфониски оркестар ФАМЕС, кој во Скопје кој снима филмска музика за реномирани светски филмски студија , викендов настапиja во Дубаи, на промоција на индискиот филм „Робот 2.0“ ,кој се проценува да биде најскап индиски филм досега.
Французинот Лоран Копиц, менаџер и продуцент на Оркестарoт, кој го сочинуваат главно македонски музичари , ни раскажа дека музичарите во живо ја свиреле музиката од научно-фантастичниот филм, која е снимена во Скопје, а е дело на светски познатиот индиски композитор , продуцент и филантроп А. Р. Рахман, кој има добиено Оскари за музиката во „Сиромавиот милионер“ и „127 часови“.
За музиката во „Милионерот“, Рахман доби и Златен глобус , Греми и БАФТА.
Копиц за САКАМДАЖАМ.МК изјави дека поканата да свират во Дубаи ја добиле лично од Рахман, а концертот под диригентство на Мет Данкли, се одржа на сцена во паркот Бурџ, до највисоката зграда во светот, Бурџ Калифа, пред публика од 35.000 гости.
„Македонскиот симфониски оркестар ФАМЕС веќе две години соработува со Рахман. На концертот свиревме парчиња од неговата филмска музика“, вели Копиц.
Оркестарот ФАМЕС помалку од десет години снимаше во студиото М1 во МТВ, а од неодамна работат во свое студио во Автокоманда.
Студиото има богато портфолио на соработки со над 300 композитори од целиот свет, со компании од Холивуд, Европа, Индија и од Азија, а тука е снимена и музиката на филмови наградувани со највисоките светски награди.
Б. НЕСТОРОСКА