Во Основниот суд во Велес отворена е предстечајна постапка за „Фени индустри“ од Кавадарци. Тоа е сторено по барање на „Комерцијална банка“, „Стопанска банка“ и „Силк роуд банка“ кои според одредени пресметки имаат побарувања од околу 40 милиони евра. За времен стечаен управник е назначен Мирослав Атанасиевски од Гостивар.
Првото рочиште за испитување на условите за отворање на стечајна постапка е закажано за 13 ноември.
Во текот на претходната постапка од страна на судот се определени мерки на обезбедување, согласно одредбите од Законот за стечај. Именуван е привремен стечаен управник, одредена е општа забрана за располагање со имотот на должникот, забрането е одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот и забранети се исплати од сметката на должникот.
Во „Фени индустри“ има вработено околу 800 лица. Синдикатот најавува штрајк и не се согласни со стечајната постапка. Контролата од државните институции во „Фени Индустри“ покажала дека има низа пропусти во работењето на компанијата, па дури и дека не поднела завршна годишна сметка. Сето ова ќе биде предмет на истрага а се најавува дека ќе се покренат и постапки за сите злоупотреби кои евентуално биле сторени.
Директорот на Комерцијална банка, Хари Костов вели дека желба на доверителите е фабриката да опстане, а не да се затвори.
„Поентата на постапката што ја почнаа вчера банките и денеска со поднесување на официјалното барање, не е ‘Фени’ да згасне и да престане да работи, туку напротив, низ законска постапка, да се реорганизира, ревитализира, преструктуира комбинатот и да продолжи со работење особено во период кога цената на фероникелот е релативно поволна. Има инвеститори кои само на хартија може да кажат дека се заинтересирани, а ја немаат финансиската сила, а има и инвеститори кои ја имаат финансиската сила. Овој процес на отворање на стечајната постапка ќе доведе до тоа таквите инвеститори да се легитимираат пред стечајниот управник со финансиски средства и оној кој ќе се покаже како најсилен тој ќе ја добие“,рече Костов.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески апелира да се подджат индустриските капацитетите во моменти кога имаат проблеми.
„Секоја варијанта со која ќе продолжи економската активност на ‘Фени’ ќе биде поддржана од нашата страна. Меѓутоа мора да водиме сметка дека живееме во услови на пазарно стопанство ‚Фени’ е значаен економски субјект и во извозната активност, но и како регионален економски субјект надвор од Скопје и ќе биде голема штета ако пропадне“, изјави Азески.
П. ПЕЧКОВ