УЈП ДВА И ПОЛ МЕСЕЦИ ЧЕКА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТКРИЕ КОИ 37 ФИРМИ НЕ ПЛАЌАЛЕ ДАНОК

    УЈП ДВА И ПОЛ МЕСЕЦИ ЧЕКА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТКРИЕ КОИ 37 ФИРМИ НЕ ПЛАЌАЛЕ ДАНОКДиректорката на УЈП Сања Лукаревска на прес-конференција во август кажа дека против двајцата вработени се води дисциплинска постапка, но истрагата ќе се проширува. (Фото: МИА)

    Целокупниот предмет за двајцата вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) кои се осомничени дека им помагале на приватни и државни фирми во 2015 и 2016 година да избегнат плаќање на милионски данок на добивка е во Јавното обвинителство.

    „Против двајцата вработени се води дисциплинска постапка. Но, предметот е доставен до Јавното обвинителство. УЈП ги има доставено сите податоци и документи, за да се разреши криминалната спрега, со цел да бидеме и ние информирани кој сè имал повластено место во општеството, пред Законот сите сме исти“, изјавија од УЈП.

    Во УЈП ги имаат сите ажурирани податоци и се разговараало со поширок круг на луѓе кои во периодот кога се избегнувало плаќањето на данокот на добивка работеле на присилна наплата.

    На 21 август, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција соопшти дека двајца вработени во Управата им помогнале на приватни и државни фирми во 2015 и 2016 година да избегнуваат плаќање на милионски долг на данок на добивка. Лукаревска рече дека компаниите се наоѓаат на листата на должници што ја објавува УЈП, а против двајцата вработени се води дисциплинска постапка, но истрагата ќе се проширува.

    „По основ на добиени информации и одредени сознанија за постоење незаконски дејствија и интервенции во системот на УЈП за данок на добивка, утврдено е дека свесно и намерно со интервенција и насоки од вработени во УЈП, извршено е изземање на 37 правни лица од постапки на присилна наплата. Овие фирми подолг временски период биле отстранувани од листите за генерирање опомени за наплата на долгови за данок на добика, што е услов за отпочнување постапки за присилна наплата“, рече тогаш Лукаревска.

    Директорката на УЈП рече дека помеѓу инволвираните се и лица на високи раководни функции одговорни за мониторирање на системот и да ги преземат сите неопходни мерки за издавање опомени согласно евиденцијата и состојбата на долговите за даночните обврзници и да преземат мерки за отпочнување даночни постапки, тоа не било сторено токму за овие 37 фирми, цели две години.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира