Уште не е оценето ни обвинението против експремиерот Никола Груевски, ексминистерот Миле Јанакиески и ексградоначалник Гази Баба Тони Трајковски за уривањето на комплексот „Космос”, затоа што Кривичниот суд ги отфрли прислушуваните разговори како доказ.
По жалба поднесена од СЈО, денеска во Апелациониот суд Скопје се одржа седница, по која овој суд ќе одлучи дали и овие бомби ќе важат, како што одлучи за „Насилствата и шамарите во Центар“, „Триста“ и „Тендери“.
Обвинението за одмаздничкото уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, именуван од СЈО како случај „ТНТ“, според распоредот на в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев, се падна кај судијката Татјана Михајлова. Таа во септември одлучила разговорот меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески со многу силен експлозив да го урнат „Космос“ на Цановски, кому според Груевски „од страв му течело низ панталони“, да го прогласи дека е неважечки како доказ.
Во „ТНТ“ Груевски е првообвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Во овој случај обвинети се и Миле Јанакиески, Тони Трајковски и уште 4 лица. Во овој случај СЈО бараше, но судовите не одобрија мерка притвор за ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски.
Според распоредот на Рибарев, кај Михајлова, покрај постоечкиот судски процес за шамарите и насилствата во Центар, каде што главен обвинет е експремиерот Никола Груевски, се паднаа и обвиненијата на „ТНТ“ и за „Траекторија“, каде исто така обвинет е Груевски. Практично, во три случаја на СЈО кај што е обвинет Груевски, Михајлова е или судечки, или судија за оценка на обвинителен акт.
Во „Траекторија“, за злоупотреби при изградбата на кинеските автопати, Никола Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание, т.е. за поткуп.
С. К. ДЕЛЕВСКА