„Ние посакуваме во сегашноста и во иднината Македонија да биде во регионот, на Балканот, еден камен темелник на мирот. За тоа е потребно единство меѓу Македонците и да се има тој дух на компромис и мир со соседите“, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на комеморацијата по повод Денот на народната жалост и примирјето од Првата светска војна, што заедно со германскиот амбасадор Томас Герберих се одржа денеска на Француските гробишта во Битола.
„Пораката е мир и помирување“, рече на македонски јазик амбасадорот Тимоние, а потоа на француски јазик го објасни значењето на Македонија за мирот на регионот, споредувајќи го со пријателството на Германија и Франција кое обезбедува мир во Европа.
„Едногласни сме во Франција и во Германија дека ова пријателство мора да го одржуваме. Таа едногласност ја посакувам исто така и за Македонија во главните цели кои се приоритети. Нашите двајца претседатели вчера беа на Вогезите, планински предел недалеку од Епинал, таму каде што нашите војници водеа страшни битки и тие потсетија дека токму тоа е камен темелникот на Европа. Исто посакуваме Македонија да биде камен темелник на мирот на Балканот“, рече Тимоние.
Амбасадорот Герберих рече дека Германија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, бидејќи тоа се организации посветени на мирот.
„Онака како што Франција и Германија ќе останат да бидат пријателски земји една кон друга, тоа го посакуваме и на овој регион. Пораката на овој настан е дека земјите и народите кои претходно биле непријатели, може долгорочно и одржливо да се помират. Оваа порака сакаме да ја пренесеме и тука на Западен Балкан да покажеме дека тоа е возможно и одржливо во подолг временски период“, рече амбасадорот Герберих.
Ж. ЗДРАВКОВСКА