НАГРАДА ОД ПУБЛИКАТА ВО СОЛУН ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ „ИСЦЕЛИТЕЛ“ НА СТАВРЕСКИ

    НАГРАДА ОД ПУБЛИКАТА ВО СОЛУН ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ „ИСЦЕЛИТЕЛ“ НА СТАВРЕСКИ„Исцелител“ на Ѓорче Ставрески ја освои наградата Фишер што се доделува според гласови од публиката на Солунскиот филмски фестивал (Фото: Фејсбук на Ѓорче Ставрески)

    „Исцелител“, дебито на македонскиот автор Ѓорче Ставрески, ја освои наградата Фишер што се доделува според гласови од публиката на Солунскиот филмски фестивал, најголемиот филмски настан во регионот. „Исцелител“ ја имаше светската премиера во популарната паралелна фестивалска програма Балкански преглед на 58. издание на фестивалот што заврши вечерва.

    Ова е првпат македонски филм да освои награда на фестивалот во Солун за 58 години негово постоење.

    „Сè уште сум под огромни импресии. Големо задоволство во моментов ми е што наградата на публиката ми покажа дека филмот кој се движеше на тенка линија помеѓу драма и комедија целосно допре до интернационалната публика. Се смееја на хуморот, се плашеа за главниот јунак, навиваа за среќна завршница. Имав две прекрасни проекции, а во релаксирана атмосфера слушнав коментари кои ми покажаа колку сме блиски како култури, особено кога сме притиснати од нашите апсурдни балкански невољи. Се надевам на добар прием и кај нашата публика“, изјави вечерва Ставрески за САКАМДАКАЖАМ.МК од Солун.

    Специфика на главната конкуренција за награди во Солун е што се состои од дебија или втори филмови на авторите, а годинава Златен Александар освои „Гаврани“, првиот филм на славниот шведски фотограф Јенс Асур

    Специфика на главната конкуренција за награди во Солун е што се состои од дебија или втори филмови на авторите, а годинава Златен Александар освои „Гаврани“, првиот филм на славниот шведски фотограф Јенс Асур, драма за борбата на еден селанец да го зачува својот имот и неговото разочарување што син му не сака да го наследи. Сребрен Александар освои иранскиот „Без датум, без потпис“ на Вахид Џалилванд, драма за моралните одлуки на патолог кој ќе прегази дете кое подоцна ќе почине од труење со храна. Бронзен Александар освои исландскиот „Зимски браќа“ на Хлинур Палмасон, за турбулентната и страсна врска меѓу двајца браќа. Последниве два филма ја освоија и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ.

    Наградата Фишер од публиката во главната конкуренција ја освои „Лаки“ на американскиот автор Џон Карол Линч, во кој последен пат игра неодамна починатата актерска икона Хари Дин Стентон.

    Црната комедија на Ставрески, во чиј центар е семејна драма на татко болен од рак и син што ќе се обиде да го лекува со алтернативна медицина, е македонско-грчка копродукција и имаше премиера на фестивалот во Солун на 9 ноември што мина со одличен прием кај публиката, со две распродадени проекции. Главните улоги ги играат Благој Веселинов, Атанас Тановски, Диме Илиев и Александар Микиќ, а камерата е  на Дејан Димески. Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм и од Грчкиот филмски центар.

    „Јас сум хомеопатски терапевт, и единствената причина зошто останав да го догледам филмот кој е ироничен кон мојата работа е што ова е еден од најдобрите дела што ги видов на фестивалот“, беше првиот коментар на една гледачка на разговорот со режисерот Ставрески по премиерната проекција.

    Македонската фестивалска премиера на „Исцелител“ ќе биде на 19 ноември на затворањето на фестивалот Синедејс, а на крајот на месецов ќе игра во конкуренција за награди на фестивалот во Талин.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира