Над 200 луѓе загинаа во земјотресот, што удри во пределот на иранско-ирачката граница, со силина од 7,3 степени според Рихтеровата скала, а над 2.800 се повредени.
Иранската телевизија „Прес“ соопшти дека најмногу жртви има во градот Сарпол-е Захаб во провинцијата Керманшах, дури 100 од досега потврдените 214 загинати.
Иако повеќето од загинатите се во Иран, епицентарот на земјотресот бил во соседниот Ирак, 350 километри северно од главниот град Багдад. Тој бил на длабочина од 23 километри и можел да се почувствува во целиот регион, при што има урнати згради во ирачкиот град Дарбандикан, каде што десетици луѓе се повредени.
„Ситуацијата таму е многу критична“, изјави курдскиот министер за здравство, Рекавт Хама Рашид.
Земјотресот, исто така, се почувствувал во Пакистан, Либан, Кувајт и Турција, соопштија агенциите од овие земји.