Актерската награда „Петре Прличко“ која што традиционално се доделува на 9 ноември, денот на Општина Велес, годинава не се додели. Изостана и вообичаената пракса, Народниот театар „Џинот“ да одигра претстава во чест на наградениот актер или актерка.
„Трансферот на локалната власт и изборите, ја прекинаа 11 годишната традиција. Претходната власт не распишала конкурс за актерската награда, згаснало и Здружението на актери ‘Џинот’, избришано е од Централен регистар, а тоа беше еден од трите субјекти кои ја потпишаа спогодбата за да го врачуваат признанието. Ако успееме да го надминеме ова до крајот на годинава, ако го смениме правилникот ќе има награда, ако не, ќе ја продолжиме постапката за следната година“, кажа градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Театарот пред некоја година се откажа од паричниот дел од наградата, но затоа играше претстава во чест на добитникот. Уметничкиот директор на Велешкиот театар Васил Зафирчев вели дека тие се подготвени да одиграат претстава кога ќе се знае името на добитникот, во кој било дел од годината.
Досега наградата ,,Петре Прличко“ ја добија Благоја Спиркоски- Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов – Дац, Александар Ѓоргиев, Милица Стојанова и Кирил Гравчев.
Наградата е парична во висина од 30 илјади денари и плакета со ликот на Прличко.
П. ПЕЧКОВ