Бизнисменот Сеад Кочан, обвинет за злоупотреба на тендер за ископ на јаглен и јаловина тежок 17 милиони евра јавни пари, на главното судење кое штотуку почна изјави пред Судот: „Не се чувствувам виновен.”
Вина не чувствува ни второобвинетиот Василије Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а ни третообвинетиот Сафет Ватиќ.
Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски, претходно во воведните зборови рече дека обвинителството ќе докаже оти обвинетите и нивниот конзорциум со фалсификувана документација, со фиктивни документи за потребната опрема за ископ на јаглен и јаловина за ЕЛЕМ, со фиктивна документација за кадровска екипираност и за вработувања, го изиграле законот и се пласирале во втората фаза во постапката за тендерот и на тој начин и го добиле, иако не ги исполнувале условите.
Бубевски најави сведочења за овој криминал, наоди од вештачење и прислушувани разговори, од кои, рече, се гледа како било договарано и како било сторено изигрувањето на законот пред 6 години.
С. К. ДЕЛЕВСКА