МАКСИМ НА ПРЕДЛОГ НА ГРОМ ЌЕ МУ ПРАВИ РЕВИЗИЈА НА ЦИЦ ВО КУМАНОВО

    МАКСИМ НА ПРЕДЛОГ НА ГРОМ ЌЕ МУ ПРАВИ РЕВИЗИЈА НА ЦИЦ ВО КУМАНОВОКумановскиот градоначалник Максим Димитриевски (лево) на седница на Советот на Општина Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Советниците од власта и опозицијата во Советот на Општината Куманово, поддржани од градоначалникот Максим Димитриевски од СДСМ, донесоа одлука да се направи ревизија на материјално-финансиското работење на Општина Куманово, додека на власт беше Зоран Дамјановски – Циц. Предлогот беше поднесен од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сметаат дека општината е во големи долгови како резултат на незаконско работење.

    Каде се трошеле парите на граѓаните во Општина Куманово побара советникот од ГРОМ Зоран Петрушевски, кој истакна дека бил мотивиран од обвинувањата на Димитриевски додека беше кандидат за градоначалник дека ќе се бори против урбаната мафија, криминалот и бирократијата во Општината.

    „Во изминатите години цената на превоз по ученик во Куманово изнесуваше 230-250 евра, за разлика од останатите општини каде сумата беше околу 100 евра. Дополнителен мотив е што општината е финансиски блокирана и должи 160- 170 милиони денари“, изјави Петрушевски.

    Градоначалникот Димитриевски рече дека секојдневно ја следи финансиската состојба во Општината, но за жал немало забелешки во ревизорските извештаи.

    „Гледам дека проблемите не се само во овој период, туку повеќегодишни, кои резултираат со лоша финансиска состојба и во Општина Куманово и во јавните претпријатија. Ревизијата нека покаже на што се должи тоа. Во Општина Куманово, секојдневно доаѓа по некој ревизорски извештај, кај што за жал можеби и јас очекувам, но нема забелешки во делот на работењето“, – изјави градоначалникот Димитриевски.

    Раководителот на секторот за финансирање и буџет во Општина Куманово Ирена Илиевска, тврди дека во времето на Дамјановски биле вршени редовни и вонредни ревизии и финасиски контроли, кои покажале дека нема пропусти или прекршување на законот.

    „Во јули минатата година Финансиската полиција влезе во општината и ги одзеде сите документи за превоз на ученици за претходните пет години. Процесот траеше една година и пред два месеци општината доби известување со кое е потврдено дека нема никакви неправилности за спроверување на самата постапка и реализирање на истата“, рече Илиевска.

    Советниците од власта од коалицијата на СДСМ го подржаа предлогот на опозицијата за ревизија на работењето на општината затоа што сметаат дека нема што да се крие и дека се поборници за транспарентност и очетност на сите институции во законски рамки и од надлежните државни институции.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира