Обвинетиот поранешен помошник министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски не дојде на денешниот почеток на судскиот процес за случајот „Триста“ на СЈО за спорниот тендер за набавка на службени возила затоа што бил укочен.
Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи веднаш реагираше со барање судот да повика вешто лице и тој, а не лекарите кои му напишале оправдание за отсуство на денешното почетно рочиште, да каже дали обвинетиот може да присуствува на судењето
„Ако е укочен, тој не е спречен да зборува. Може да дојде на судење. Обвинетиот нема отворено боледување, но и кога би отворил боледување, тој може да присуствува и да зборува пред судот“, кажа обвинителката Фетаи.
На ова, адвокатот на Поповски, Боро Тасевски, побара од судијката Лидија Петровска да нотира дека обвинителката Фетаи бара да му се суди на човек и со отворено боледување.
„Да, ќе му судам и на човек на смртна постела“, рече Фетаи.
„Нотирајте го и ова суде, дека обвинителката бара да му се суди на човек и на смртна постела“, се налути адвокатот.
„Да, стојам зад тоа што го кажав, не се срамам од тоа што го кажав и секој кој направил кривично дело ќе го гонам како обвинител до смрт“, одговори Фетаи.
Судењето се помести за 21 ноември, кога се очекува да стигнат документи од обвинетиот Поповски дали отворил боледување и дали ќе може да присуствува на судењето.
Случајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека се работи за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошникот министер во Министерството за внатрешни работи Ѓоко Поповски, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила.
С. К. ДЕЛЕВСКА