Бугарскиот тенисер Григор Димитров го освои најголемиот трофеј во својата кариера, откако триумфираше на Светското тениско финале на АТП, што се играше во „О2 арена“ во Лондон.
Во возбудливото финале, 26-годишниот Димитров го совлада Белгиецот Давид Гофан со 7:5, 4:6, 6:3 по два и полчасовна борба, станувајќи првиот дебитант по речиси две децении кој го освоил турнирот на најдобрите осуммина тенисери во сезоната.
Освен паричната награда од 2,5 милиони долари, Димитров од утре ќе биде и трет на светската ранг-листа, што му е најдобар пласман во кариерата. Гофан ќе скокне на четвртото место.
Завршниот турнир помина без повредените Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, Рафаел Надал од иста причина се повлече по првото коло, а Роже Федерер беше поразен од Гофан во полуфиналето.