Четвртообвинетиот Томислав Лазаров, кој според обвинението на СЈО е поттикнувач на насилствата во општина Центар, судијката Татјана Михајлова го издвои во посебен предмет, по околу два часа откако денеска тој ја призна вината и кажа дека се кае и многу му е жал.
Останатите 13 обвинети, на чело со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Михајлова кај 14 часот денеска ги пушти дома. Но, претходно таа однапред закажа четири термини за судење во ноември и декември, првото на 29 ноември.
Лазаров, кој и сега е советник во Центар од ВМРО ДПМНЕ, рече дека по настаните во општината во 2013 година, а и денес ветува дека никогаш нема да го повтори кривичното дело.
Изрекувањето на пресудата за Лазаров, Михајлова ја закажа за 24 ноември во 12.30 часот.
Фетаи претходно рече дека локација или извор на насилствата во општина Центар е мозокот на Никола Груевски. Томислав Лазаров е поттикнувач на тие насилства. Но, таа рече дека е позитивно изненадена од признанието на вината, што е олеснителна околност, како што кажа, за него.
„Отежнувачка околност за мене е пораката што беше пратена преку овој настан до граѓаните: Преку насилство, може да се спречи нормалното функционирање на демократски избраните органи, што се виде и на 27 април во Собранието”, рече Фетаи.
С. К. ДЕЛЕВСКА