Бугарскиот премиер Бојко Борисов им вети на струмичани дека за година-две од Струмица до Софија ќе се стигнува за час и половина. Борисов и неговиот македонски колега Зоран Заев вчера имаа средба со локалните жители по положувањето цвеќе на споменикот на Борис Трајковски во Струмица.
„За година-две ќе одиме за час и половина од Струмица до Софија. Сега почнуваме со изградба на магистралата тука“, им кажа Борисов на насобраните граѓани, додавајќи дека станува збор за делот Петрич-Струмица од магистралата „Струма“.
„Ајде почнувајте побрзо, сакаме работа“, му одговорил струмичанец на Борисов, пренесуваат бугарските медиуми, кои што посветија големо внимание на проектот. За време на средбата со струмичани, се слушаа скандирања „Зоки, Зоки“, но и „Бојко, Бојко“.
Подоцна, на прес-конференцијата на двајцата премиери по заедничката седница на македонската и бугарската влада, беше најавено дека лидерите и министрите за транспорт на државите од Западен Балкан на 6 и 7 декември ќе разговараат за финансирање на изградбата на железничкото поврзување на Македонија, Бугарија и Албанија како дел од Коридорот 8 на средба со претставници на Светска банка и со Европската инвестициска банка.