На Јордан Ристевски, кој денеска призна вина во предметот на СЈО Насилство во Општина Центар, утре ќе му биде изречена пресуда во издвоена постапка. На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1, тој кажа дека признава вина, се кае и дека нема да го повтори делото.
Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека при изрекувањето на пресудата треба да се земат предвид отежнителни и олеснителни околности, а таква олеснителна околност е тоа што обвинетиот признал вина.
Минатата недела, во издвоена постапка, на 6 месеци условно беше осуден Томислав Лазаров, кој, исто така, призна вина и кажа дека се кае. И двајцата беа советници во Општина Центар, кога во 2013 година се случија насилствата во Центар.
Првообвинет во овој предмет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а обвинети се уште пратеничката Даниела Рангелова и ексминистерот Миле Јанакиески. Вкупно обвинети во овој предмет се 14 лица и се однесува на насилствата во Општината Центар и нарачаните шамари за ексградоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година.
А. АНТЕВСКА