ШЕСТ МЕСЕЦИ УСЛОВНО И ЗА ВТОРИОТ СОВЕТНИК НА ВМРО-ДПМНЕ КОЈ ПРИЗНА ВИНА ЗА НАСИЛСТВО И ШАМАРИ ВО ЦЕНТАР

    ШЕСТ МЕСЕЦИ УСЛОВНО И ЗА ВТОРИОТ СОВЕТНИК НА ВМРО-ДПМНЕ КОЈ ПРИЗНА ВИНА ЗА НАСИЛСТВО И ШАМАРИ ВО ЦЕНТАРОбвинетиот Јордан Ристевски излегува од Основниот суд Скопје 1 по вчерашното рочиште. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот советник на ВМРО-ДПМНЕ во Oпштина Центар Јордан Ристевски, обвинет во предметот „Насилство во Општина Центар“ на СЈО, во издвоена постапка денеска е осуден од Основниот суд Скопје 1 на шест месеци условна казна затвор, ако во наредните две години не направи друго кривично дело.

    Ристевски вчера призна вина, кажа дека се кае и дека нема да го повтори делото. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи тогаш рече дека при изрекувањето на пресудата треба да се земат предвид отежнителни и олеснителни околности, а таква олеснителна околност е тоа што обвинетиот признал вина.

    Минатата недела, во истиот предмет на 6 месеци условно беше осуден поранешниот координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, Томислав Лазаров, кој, исто така, призна вина и кажа дека се кае.

    Првообвинет во овој предмет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а обвинети се уште пратеничката Даниела Рангелова и ексминистерот Миле Јанакиески. Вкупно обвинети во овој предмет се 14 лица и се однесува на насилствата во Општината Центар и нарачаните шамари за ексградоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година. Судењето продолжува на 7 декември.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира