512 е конечната бројка загинати во терористичкиот напад во Могадишу, главниот град на Сомалија, што се случи во октомври, објави комисијата која го истражуваше најсмртоносниот напад врз цивили во историјата на земјата, па и пошироко.
Ова е драматично зголемување на првичните проценки, што укажуваа на околу 350 мртви. Комисијата соопшти дека во нападот имало и 312 повредени, а 62 лица сѐ уште се водат како исчезнати. Нападот од локалните медиуми беше наречен „сомалискиот 9/11“.
Сомалиската влада ја обвини терористичката група Ал Шабаб за нападот од 14 октомври, кога на фреквентна улица беше детониран експлозив со тежина меѓу 600 и 800 килограми.
Според сомалиските разузнавачки служби, првичната цел на нападот требало да биде аеродромот, каде што неколку држави имаат свои амбасади, но камионот експлодирал порано, откако војската почнала да пука во него, дупнувајќи му една гума.