И пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски дојдоа во Основниот суд Скопје 1 да дадат исказ пред судија на претходна постапка по што треба да се одлучи дали ќе добијат мерка притвор, како што бара Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Утрово први во судот дојдоа пратеница Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Жаклина Пешевска. Потоа во судот влезе Љубен Арнаудов, па Сашо Василевски, а пратеникот Љупчо Димовски влезе од споредниот влез.
Мукоски, Тарчуловски, Пешевска, Василевски, Арнаудов и Димовски се дел од групата 36-мина осомничени за кривичното дело за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април. Минималната казна за ова кривично дело е 10 години.
На 1 декември, Собранието со мнозинство гласови „за“ го прифати барањето за одобрување притвор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски (66 гласа „за“), Крсто Мукоски (67), Љубен Арнаудов (66), Сашо Василевски (67), Жаклина Пешевска (66) и на пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски (67) на денешната седница. Барањето беше поднесено од надлежниот орган – Основен суд Скопје 1, Одделение за организиран криминал и корупција.
А. АНТЕВСКА