Австралискиот парламент речиси едногласно го усвои новиот закон, со кој се легализираат истополови бракови.
Австралија со тоа стана 25. држава во светот која овозможува брак на двајца луѓе, без разлика на нивниот пол.
Претставничкиот дом денеска го изгласа законот, кој претходно доби голема поддршка од јавноста на неофицијалниот референдум. Против него се изјаснија само четворица пратеници.
„Австралија го направи тоа. Денеска гласавме за еднаквост, љубов, за повеќе венчавки, посветеност и почитување. Тоа е Австралија: праведна, различна, сакана и полна со респект“, кажа премиерот Малколм Турнбул.
Јавниот обвинител Џорџ Брендис изјави дека хомосексуалните двојки ќе можат да се венчаваат најрано од 6 јануари 2018 година.
Првата земја која легализираше геј бракови беше Холандија во 2001 година, по што нејзиниот пример го следеа САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Јужна Африка (единствена во Африка)…