ОПШТИНА ТЕТОВО ГО ПОНИШТИ ИЗБОРОТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ

    ОПШТИНА ТЕТОВО ГО ПОНИШТИ ИЗБОРОТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТНа еден избран советник мандат сè уште не му е верифициран бидејќи се наоѓа во странство. - Градоначалничката Теута Арифи на денешната седница на Советот (Фото: СДК.МК)

    По речиси еден месец од неговото конституирање Советот на општина Тетово закажа седница за избор на претседателот на советот. Откако беше формирана верификационата комисија, таа за Претседател на Советот како единствен кандидат го предложи Аднан Билали од ДПА. Кога се пристапи кон гласањато за Билали гласаа 15 советници, 8 од ДУИ, 3 од СДСМ, 3 од ДПА и 1 од демократската партија на Турците, па тој беше избран за претседател по што седницата заврши. Но токму бројот на советниците кои го поддржаа изборот на Билали е спорен за советниците од опозиционите партии Алијансата за Албанците и Движењето Беса.

    „Претседавачот на Советот на Општина Тетово е избран со недоволен број гласови. Според член 19 од Деловникот за работа на Советот на Општина Тетово, за Претседател на Советот е избран кандидатот кој добил мнозинство од вкупниот број гласови од вкупниот број на членови на советот. Советот на Општина Тетово брои 31 советник од кои мандатот им е верифициран на 30 советници од кои 15 гласаа за предложениот кандидат. Ние мислиме дека ова не е доволен број за избор на Претседателот на Советот. Ние баравме процедурално да се изјасниме за оваа одлука но не ни беше даден збор“ изјави Ариф Сељами од Алијансата за Албанците по завршувањето на седницата.

    Советот на Општина Тетово брои 31 член од кои на 30 им се верифицирани мандатите. На еден избран советник мандат сè уште не му е верифициран бидејќи се наоѓа во странство. Во Советот ДУИ има 9 членови, СДСМ 3, ДПА 3, Демократската партија на Турците 1, кои го сочинуваат мнозинството, наспроти БЕСА со 6 советници, Алијансата за албанците 4 а ВМРО ДПМНЕ 5 советници. За избор на претседавач потребно е мнозинство од 16 гласови на советниците.

    Неколку часа по завршувањето на седницата со соопштение до јавноста се огласија од канцеларијата за односи со јавноста на Општина Тетово во кое тие соопштија дека претседател на Советот не е избран.

    „На продолжението на конститутивната седница на Советот на општина Тетово кое се одржа денес беше избран претседател на Советот на Општина Тетово. Надлежниот сектор од администрацијата на општина Тетово утврди дека изборот на Претседател на Советот не е во согласност со член 47 став 2 од Законот за локална самоуправа и член 19 став 1 од Деловникот за работа на Советот на општина Тетово. Ја информираме јавноста дека Претседател на Советот на Општина Тетово НЕ Е ИЗБРАН“, стои во краткото соопштение.

    Неофицијално, „математиката“ на мнозинството им ја расипал еден советник од редовите на ДУИ кој претендирал за местото на Претседавач на Советот, но ова место, во меѓу партискиот договор на мнозинството, му е дадено на ДПА. Поради тоа тој не бил присутен на седницата а неговиот глас бил пресуден за да се добие потребното мнозинство од 16 советници за одлуката за избор на Претседавач да помине без никакви проблеми.

    На почетокот на седницата петмината советници на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија работата на седницата во знак на поддршка на притворените лица од настаните од 27 април. Тие рекоа дека нема да присуствуваат на седниците на Советот сè додека притворените не бидат ослободени.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира