САНТА ЛУЦИЈА НА ШВЕДСКАТА АМБАСАДА СО МИНИ КОНЦЕРТ ВО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

    САНТА ЛУЦИЈА НА ШВЕДСКАТА АМБАСАДА СО МИНИ КОНЦЕРТ ВО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈАНа свечениот концерт настапија женскиот хор „Св. Злата Мегленска“, како и сопругата на шведскиот амбасадор во Македонија Билјана Стафансон и нејзината сестра близначка Лилјана Јовановиќ, кои се оперски солисти. - (Фото: А. Михајловска)

    Со колачињата лусикатер со шафран и пеперкопор со цимет и ѓумбир, како и со вареното вино глог, Шведската амбасада синоќа ги пречека гостите во Македонската филхармонија, на традиционалниот концерт во чест на Санта Луција.

    Денот на Санта Луција во Шведска се слави секоја година на 13 декември, како фестивал на светлината во темните нордиски ноќи. Речиси сите шведски амбасади низ светот организираат прослава за Санта Луција за да го пречекаат Божиќ со радост и светлина.

    На свечениот концерт настапија женскиот хор Св. Злата Мегленска“, како и сопругата на шведскиот амбасадор во Македонија Билјана Стафансон и нејзината сестра близначка Лилјана Јовановиќ, кои се оперски солисти. Облечени во зелени празнични креации изведоа божиќни песни, традиционални шведски песни за Луција како и класични композиции.

    На крајот на концертот, на сцената дојде традиционалната процесија со повеќе мали момчиња и девојчиња на чело со едно девојче избрано да биде Санта Луција, облечено во бела наметка со круна со венец од свеќи на главата, пеејќи ги стиховите на празничната песна .

    За прославата во Скопје, организаторите повикале готвач од Шведска, мастершефот Јоаким Лундблад кој целосно го подготви менито со  шведски специјалитети. 

    Санта Луција живеела во Сицилија и починала во 304 година. Денот на нејзиното упокојување станал празник на кој се слави Луција, а модерниот начин на прославување датира од 1927 година. Не се знае како оваа италијанска светица станала лик кој се слави во Шведска. 

    Во Шведска на овој ден процесија на чело со девојче со венец од свеќи на глава, со повеќе девојчиња и момчиња како мали Дедомразовци ги посетуваат училиштата, црквите и болниците пеејќи традиционални песни за Луција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира