Не работат посебните ленти за македонски државјани на граничните премини.
Граѓаните при излез и влез во земјава чекаат во лентите наменети за странски државјани оти оние кои се обележани за да минуваат домашните граѓани на ниту еден од граничните премини не се отворени. Полицајци има само на лентите наменети за државјани на Европската унија и на лентата за странци. Граѓаните чекаат во колони со патници од другите земји, дури и во летната сезона и за време на празници и продолжени викенди, кога е зголем бројот на патници на границите.
Во земјите од Европската унија постојат казни доколку патници кои доаѓаат од држави кои не се членки, чекаат да ја минат границата во посебните ленти за ЕУ. На пример, во Хрватска казните се од 30 до 60 евра, а во Унгарија од 17 до 170 евра.
Вработените на граничните премини коментираат дека лентите не работат бидејќи немаат доволен број на полицајци и дека со години се провлекува овој проблем.
„Наместо да влеземе веднаш на премините чекаме да ги проверуваат странските државјани. Кога ги прашавме зошто не работи лентата за македонски државјани полицајците ни одговорија дека немаат доволно луѓе. “Да се претвориме од еден во двајца па тогаш може да се отвори лентата’. Кога дојдовме на царинската контрола, царинските службеници ни рекоа џабе се буниме, кога ваква била состојбата 4-5 години и никој ништо не презема“, вели граѓанин кој деновиве минувал на граничниот премин „Ќафасан“.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека посебните ленти за македонски државјани функционираат на оние гранични премини каде има услови за тоа, но не објаснуваат зошто не работат на сите граници.
„Согласно член 20 од Законот за гранична контрола на оние гранични премини каде што тоа го дозволуваат условите можат да се определат посебни сообраќајни ленти наменети за државјаните на Македонија, државјани на ЕУ и државјани на трети земји со тоа што македонските државјани можат да ја користат било која сообраќајна лента не само онаа којашто е за нив определена. Доколку постојат услови полициските службеници им даваат предност за преминување на државната граница на наши државјани пред останатите државјани“, велат од МВР.
Посебните ленти за македонските граѓани беа воведени од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, на почетокот на мандатот на Владата на Никола Груевски, како мерка за полесно движење на граѓаните и носителите на македонските пасоши да не чекаат во колони со други патници. Лентата функционираше неколку години.
А. АНТЕВСКА