Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја одби иницијативата поднесена од видни функционери на партијата за одложување на конгресот закажан за 22-23 декември во Валандово.
„Извршниот комитет дискутираше и во врска со јавно објавената иницијатива од страна на повеќемина актуелни и поранешни функционери. Иницијативата објавена во медиуми не доби поддршка од Извршниот комитет кој одлучи истата да не ја предложи на денешната седница на Централниот комитет на партијата“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Над 40 видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и пратениците Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Трајко Вељаноски и дел од основачите на партијата побараа највисоките партиски тела да донесат одлука за одложување на вонредниот конгрес во Валандово од 22 и 23 декември на 24 и 25 февруари следната година за, како што кажаа во писмото до медиумите, да се даде шанса за демократска и транспарентна постапка за избор на нов претседател на партијата. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 10 декември ја прифати оставката на претседателот Никола Груевски.