СИ ЗАМИНУВАМ СО ПОВЕЌЕ НОЖИЊА В ГРБ, КАЖА ГРУЕВСКИ НА КОНГРЕСОТ ВО ВАЛАНДОВО

    СИ ЗАМИНУВАМ СО ПОВЕЌЕ НОЖИЊА В ГРБ, КАЖА ГРУЕВСКИ НА КОНГРЕСОТ ВО ВАЛАНДОВОНикола Груевски заминува од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ по 14 и пол години. - Груевски по говорот на конгресот во Валандово (Фото: М. Златевска)

    Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ ја прифати неотповикливата оставка на лидерот на партијата, Никола Груевски. Партијата му даде плакета со која што беше прогласен за почесен претседател на партијата.

    Груевски заминува од лидерската позиција по 14 и пол години.

    Лидерот во оставка Груевски, како главна причина за дебаклот на локалните избори, го наведе предавството во партијата од видни поранешни и актуелни функционери, кои ги дале партиските списоци и информации до СДСМ кои влијаеле на лошиот резултат на изборите и дека таква провала во партијата не се случила 15 години.

    Странски експерти кои ни помагаа за локалните избори, дојдоа кај мене и ми рекоа дека во салата каде се чекаа резултатите од локалните избори, на лицата на дел забележале тага поради лошите резултати што пристигнуваат, но дека кај дел од присутните забележал среќа во очите поради таквиот резултат. Луѓе кои добија многу, сега не можам да ги препознаам. Успеав да останам смирен, за да се сплеткаат и да пропаднат во гробот што му го копаа на друг“, рече Груевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ страда поради византиските игри.

    „Мартин Протоѓер, мојот најблиски соработник кој ги знае тие игри, ми раскажа како него му кажале дека Никола Груевски дојде за лидер со нож во грб, и заминува со нож во грб. Јас го коригирав: Не заминав со нож во грб, туку со повеќе, и тоа не ножеви, туку ножиња, рече Груевски пред присутните на конгресот.

    Мартин Протоѓер, поранешниот шеф на кабинет на експремиерот Никола Груевски, првпат се појави во јавноста по објавување на „бомбите“ во 2015 година. (Фото: М. Златевска)

    Груевски побара амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април. Тој најави дека ќе биде поднесен закон за амнестија за настаните од 27 април.

    На Конгресот како гости присуствува претставници на коалицијата „За подобра Македонија“, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Јован Лазарев од Социјалистичка партија, Слободан Угриновски од Титови леви сили, и претставници на организациите Конрад Аденауер, ИРИ, НДИ. Од власта присуствуваа претставници на ДУИ.

    Моментално делегатите се на коктел во чест на Никола Груевски, за попладне треба да се одржи гласањето за избор на нов лидер. Единствен кандидат е генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира