ЗА ТРИ ГОДИНИ САМО ДРИСЛА КАЗНЕТА ЗА АЕРОЗАГАДУВАЊЕ, ВОНРЕДНИТЕ КОНТРОЛИ СЀ УШТЕ НЕ ОТКРИЈА ДРУГИ ЗАГАДУВАЧИ

    ЗА ТРИ ГОДИНИ САМО ДРИСЛА КАЗНЕТА ЗА АЕРОЗАГАДУВАЊЕ, ВОНРЕДНИТЕ КОНТРОЛИ СЀ УШТЕ НЕ ОТКРИЈА ДРУГИ ЗАГАДУВАЧИСо досегашните контроли, Дражвниот инспекторат за животна средина не открил друг аерозагадувач, но оттаму апелираат да се пријави секое нелегално палење на опасен отпад. - Скопје во магла минатата недела (Фото: Ѓ. Личовски)

    Скопската депонија „Дрисла“ е единствениот правен субјект кој последниве три години е казнет за загадување на амбиенталниот воздух. Казната ја изрече Државниот инспекторат за животна средина овој месец, бидејќи вонредната контрола што беше направена на депонијата покажа дека од печката за согорување медицински отпад во септември и октомври надминати се граничните вредности на загадувачки материи што се испуштаат во воздухот, и тоа евидентирано е загадување со јаглерод моноксид, сулфур двооксид и честички прашина.

    „Министерството за животна средина Дрисла ја казни со 9.000 евра парична глоба по Законот за амбиентален воздух. Ако ништо не променат во работењето и повторно продолжи со истата практика, следното казнување ќе биде според Законот за заштита на животната средина и таму казните се движат и до 100.000 евра. Но, сметам дека не е во ред што последниве три години само Дрисла е казнета за загадување на воздухот, а Скопје е еден од најзагадените градови во Европа, и таа практика ќе мора да се смени“, вели Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

    Според решението на Инспекторатот на депонијата ѝ е забрането да согорува медицински отпад, ако два дена по ред загадувањето е над 200 микрограми на кубен метар од две мерни станици што се во нејзина близина.

    Тој вели дека вонредните контроли на аерозагадувачите продолжуваат во координација со општинските инспектори. Последната контрола на погон за топење алуминиум во Карпош, како што вели Богдановски покажала дека работат во рамки на оперативниот план за работа.

    „Резултатите од мострите што беа земени од овој погон покажаа дека загадувањето е во рамки на дозволените граници и дека нема пречекорување. Контролата ја направивме во координација со Општина Карпош. Правевме и ноќни контроли на потегот од Визбегово до Момин поток, но инспекторите не забележаа никакво палење на двор од дозволеното, ниту во отпадите ниту пак во индустриските капацитети. Повторно апелирам до граѓаните доколку имаат информација за палење пластика, гуми и друг опасен отпад да пријават и кај нас и во општините и веднаш ќе правиме увид“, вели Богдановски.

    Мерните станици на Министерството за животна средина и денес покажуваат најголемо загадување во Лисиче, каде во моментов има 103 микрограми на кубен метар ПМ10 честички, а во другите делови на Скопје загадувањето е од 50 до 100 микрограми на кубен метар. Вчера вечер во ноќните часови сите мерни станици во Скопје покажуваа загадување над 200 микрограми на кубен метар. Максимално дозволената концентрација на ПМ10 во воздухот е 50 микрограми на кубен метар.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира