ПАТНИЧКИ ВОЗ НАЛЕТАЛ НА ПОСТАВЕНА КАМЕНА БАРИКАДА НА ПРУГАТА КАЈ ЖЕРОВЈАНЕ

    ПАТНИЧКИ ВОЗ НАЛЕТАЛ НА ПОСТАВЕНА КАМЕНА БАРИКАДА НА ПРУГАТА КАЈ ЖЕРОВЈАНЕИнцидентот се случил на околу три километри од железничката станица во Жеровјане, при што значително била оштетена дизел локомотивата

    Патничкиот воз кој сообраќал на релацијата Скопје-Кичево вчеравечер, на околу три километри од железничката станица во тетовското село Жеровјане, налетал на камена барикада, поставена на пругата.

    Според портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, засега непознати сторители поставиле големи камења на пругата во близина на надвозникот за Неготино, Полошко. На камената барикада налетал патничкиот воз кој се движел кон Кичево и успеал да застане по педесетина метри. Од ударот нема повредени меѓу патниците и машиновозачите, но значително била оштетена дизел локомотивата. По неколкучасовна поправка, возот околу 23 часот продолжил за Кичево.

    На местото на инцидентот полицијата извршила увид и се работи на откривање на сторителите. Јосифовски вели дека поставување на вакви блокади претставува кривично дело, според Законот за безбедност во сообраќајот, за што може да се изрече и затворска казна.

    Ваков инцидент на тетовско-гостиварското подрачје не се случил последниве неколку години, за разлика од порано, кога често беа каменувани возови и на пругата се поставуваа барикади од камења, стари апарати за домаќинство и дрва. Тогаш најмногу вакви блокади се поставувале на влезот и излезот од железничката станица во Гостивар, а каменувањето се вршело од надвозниците, најчесто од малолетни деца.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира