Велешките дијабетичари со писмо до премиерот Зоран Заев бараат да се реши инсулинската криза. Тие посочуваат дека од почетокот на месецов инсулин немало и дека се загрозени нивните животи.
„До денес, речиси цел месец, нема инсулин! Се изнаслушавме разно-разни изговори и изјави, кои ама баш ништо не му значат на шеќерот, гликемијата во крвта во нашите тела. Речиси еден месец некои се поигруваат со судбините на над 50.000 граѓани на Македонија, од кои 500 се деца! Време е Вие лично да се ангажирате и дејствувате! Пред се, кон оние кои се законски обврзани и надлежни, а и кон оние кои земале обврска преку тендери, навремено и редовно, да овозможуваат достава и достапност на лекување со инсулин во регуларните инсулински аптеки, во количини кои треба да ги имаме“, стои во писмото, испратено до премиерот и доставено до медиумите од страна на Здружението на лица со дијабетес „Шеќерче-Лoлипоп“ од Велес.
Тие бараат да се стави моментален крај на инсулинската криза во државата. Бараат и да се донесе системско решение, со кое нема да се овозможи некоја следна криза.
П. ПЕЧКОВ