ПАТНИЧКИ ВОЗ УДРИ ВО КОЊИ НА ПРУГАТА, ЕДНИОТ ПАДНА ВРЗ АВТОМОБИЛ

    ПАТНИЧКИ ВОЗ УДРИ ВО КОЊИ НА ПРУГАТА, ЕДНИОТ ПАДНА ВРЗ АВТОМОБИЛКоњите слободно се движеле по пругата кога на нив налетал воз и ги усмртил

    Патнички воз удри во два коња во центарот на Велес и ги усмрти.

    По несреќата, што се случила вчера попладне, возот го продолжил патувањето, без сериозни оштетувања. Но, затоа има материјална штета на автомобил што минувал по блиската улица, врз кој паднал еден од коњите.

    „Железничката несреќа во СВР Велес ја пријавил Д. В. (63) од Велес. Таа се случила на пругата Велес-Кочани, на 100 метри пред Железниот мост. Возот број 651, кој сообраќал на релација Скопје-Кочани, удрил во два коња, сопственост на непознато лице, кои се движеле по пругата. Од ударот, едниот коњ паднал врз „фиат пунто“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на Ѓ. М. (52) од Велес и го оштетил возилото“, изјавија од МВР.

    Од Здружението за заштита на животните „Анималс војс“ од Велес бараат полицијата да открие чија сопственост се коњите, кои поради негрижа на сопстеникот, биле оставени на пругата и усмртени.

    Екипи на комуналното претпријатие од Велес ги подигнале мртвите коњи и тие се префрлени на градската депонија, кадешто ќе бидат погребани, согласно законските прописи.

    Завчера, пак, патничкиот воз, кој од Велес сообраќа за Скопје, во 15.10 часот близу железничката станица Јане Сандански, удри во поставени камења на пругата. Сообраќајот тогаш беше во прекин 75 минути.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира