Агенцијата за лекови и медицински помагала (МАЛМЕД) соопшти дека денес донела решение да дозволи дистрибуција на инсулин во инсулинските аптеки во земјава, од последната пратка која дистрибутерот ја увезе кон крајот на ноември. Од Агенцијата за лекови велат дека во рамки на нивните надлежности направиле детален инспекциски надзор на секое поединечно пакување од пратката и зеле мостри за понатамошни испитувања.
„При првичниот инспекциски надзор, преку читање на дата логерите утврдено е дека производствената локација, наведена на надворешното пакување не е пријавена соодветно во Македонија, поради што беше побарано од дистрибутерот да ја дополни документацијата. Подоцна за истиот пропуст е поведена прекршочна постапка. По комплетирање на целата документација пристапено е кон понатамошни лабораториски испитувања на квалитетот на донесените серии инсулин во акредитирана лабораторија“, вели Агенцијата за лекови.
Од МАЛМЕД објаснуваат дека водени од првичните неусогласености на документацијата со фактичката состојба на инсулините го известиле Министерството за здравство дека покрај комплетни лабораториски испитувања ќе спроведат и дополнителни мерки, со кои ќе се утврди следливоста на сериите на лекови.
„Временската проценка за комплетирањето на целокупните испитувања беше 20 до 30 дена. Во соработка со производителите потврдена е следливоста на целиот дистрибутивен ланец на сите увезените серии преку интерен систем на производителите. Во акредитирана лабораторија спроведени се соодветни квалитативни и квантитативни анализи за проценка на квалитетот. Контактирана е и турската агенција за лекови, од каде се побарани дополнителни информации. Резултатите од анализите покажаа дека е задоволена безбедноста и квалитетот на испитуваните лекови“, велат од МАЛМЕД.
Министерот за здравство Венко Филипче денес кажа дека инсулинска криза нема, оти добиле донација од еден од производителите на инсулин, за да го пребродат периодот кој бил потребен за испитување на квалитетот на инсулинот, кој го прави Агенцијата за лекови. Тој објасни дека овој недостиг од лекови се јавил поради пропуст во претходниот тендер за набавка на инсулин, кој го реализираше ексминистерот Никола Тодоров, и дека поради тој пропуст добавувачот на инсулин нема обврска навреме да достави залихи од лекот во инсулинските аптеки.
„Исто како и за ретките болести ќе го промениме начинот на набавка на инсулин, за да не се случи никогаш во иднина да има ваков проблем“, кажа Филипче.
Министерството за здравство следната година ќе набави лепенки за мерење на гликемија, кои ќе ги користат децата кои страдаат со дијабет Тип 1, односно за околу 500 деца. д-р Венко Филипче, министер за здравство, кажа дека планираат следната година да почнат ваков проект за набавка на овие лепенки, кои се ставаат на кожата и со нив континуирано се мери гликемијата.
„Сметам дека ова е многу важно, бидејќи децата повеќе пати во денот треба да се боцкаат за да го проверат нивото на шеќер во крвта, а поради опасност и од ноќна хипергликемија, родителите и ги будат од спиење за да им измерат шеќер. Планираме овој проект да почне прво со децата, па потоа ќе видиме и за возрасните“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА