Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК) денес во соопштение до јавноста остро реагира на непродолжување на договорите за работа на вработени во детските градинки, основните и средни училишта.
„Остро реагираме на масовното непродолжување на договорите за работа од страна на директорите на установите, а по налог на повисоките органи на локалната и централната власт. Изминативе денови сме сведоци дека, на голем број наставници, воспитувачи и негователи, со повеќегодишно работно искуство, без никаква причина не им се продолжува договорот за работа, а на нивно место се примаат нови работници кои по некои чудни критериуми, без ниту еден ден работно искуство, ги пополнуваат вештачки испразнетите места“, велат од СОНК.
За СОНК ова е неприфатливо и апелира до надлежните конечно да го решат статусот на истите работници и да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време.
„Сакаме да укажеме дека во моментов има голем недостаток на стручен кадар во градинките. Со сегашното отпочнување на процедури на огласи за вработување на испразнетите местата, подолг временски период сегашниот персонал ќе биде принуден да работи со и така преголемиот број на деца во групите, што е надвор од сите стандарди. Најостро ќе реагираме на оваа ситуација, нема да дозволиме работа во такви услови и ќе ги употребиме сите расположливи законски средства за одбрана на правата и интересите на нашите членови“, велат од СОНК.