Струмица четврти ден е најзагаден град во Македонија. Од воведувањето на мерната станица, концентрацијата на ПМ 10 честичките во Струмица постојано е над дозволените 50 микрограми на метар кубен. Според графиконот на министерството за животна средина, Струмица е најзагадена во ноќните часови кога концентрацијата на ПМ 10 честичките достигнува врвови и 15 пати повеќе од дозволеното. Синоќа во Струмица, точно на полноќ измерени се 770 микрограми на кубен метар, а за време на коледарските огнови 849 микрограма, што е двапати повеќе од загаденоста во Скопје овие денови.
Од Министерството за животна средина тврдат дека мерната станица во Струмица официјално не е ставена во функција и резултатите не се веродостојни. Таму мерните инструменти сè уште не биле целосно калибрирани и адаптирани, имајќи предвид дека автоматската станица во Струмица била поставена на 4 јануари.
„Во моментов опремата сè уште се инсталира и калибрира според утврдената методологија. Мониторинг станицата е сè уште во тест период на работа и податоците не треба да се земаат предвид“, информираше советникот за односи за јавност при министерството Сашо Секуловски.
Во меѓувреме, струмичани почнаа со реакции по социјалните мрежи за високото ниво на загаденост на воздухот во Струмица и побараа мерки за ублажување на состојбите. Од здружението ,,Здрава котлина“ бараат надлежните да ги зајакнат контролите.
„Изненадени сме од високото ниво на загаденост иако не сме град со тешка индустрија. Ваквите резултати што излегуваат на министерството се загрижувачки и треба да се преземе нешто, треба да се зајакнат инспекциските контроли, но и да се воведат рестрикции во сообраќајот по принципот пар-непар“, вели Ѓорѓи Танушев од здружението ,,Здрава котлина“.
Советот на општината на седница пред Нова година донесе одлука за дозвола за инсталирање на мерна станица за аерозагадувањето. Паралелно, станица за мерење на квалитетот на воздухот планира да инсталира и штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ во дисперзираниот центар во Струмица.
В. ТРАЈКОВ