ТРИФУНОВСКИ ПОСТАВИ ПРЕТСТАВА ЗА МАСОНИ ВО ТУРСКИ ТЕАТАР

    ТРИФУНОВСКИ ПОСТАВИ ПРЕТСТАВА ЗА МАСОНИ ВО ТУРСКИ ТЕАТАР„'Среќна Нова година' е претстава за сите дежурни виновници за распадот на оваа цивилизација “. - Наџи Шабан, в.д директор на Турски театар, режисерот Бојан Трифуновски и композиторот Ади Имери (Фото: М.Златевска)

    „Среќна Нова година“ во режија на Бојан Трифуновски е новата претстава на Турски театар, која премиерно ќе се изведе утревечер во 20 часот, во Театар Комедија.

    Претставата е мјузикл- кабаре, работена по мотиви на Данил Хармс и Дејвид Ајвс, и драматизација на Трифуновски.

    Играат : Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Аксел Мехмет, Един Јакуповиќ и Берхеда Решит.

    Трифуновски, кој прв пат работи во Турски театар, вели дека ова е „СНГ“ е претстава – лабораторија за уметник кој истражува зошто светот сака да се самоуништува, и затоа создава ментален простор во кој слободно размислува и твори.

    Екипата на претставата „Среќна нова година“ на пресот (Фото: М.Златевска)

    „Претставата се однесува за сите дежурни виновници за распадот на оваа цивилизација“, вели режисерот.

    Уметникот во менталниот простор, вели Трифуновски, во 5 до 12, создава новогодишна масонска забава, со 10 масони кои преку јазикот на Хармс и на Ајвс создаваат атмосфера за интроспекција и самосоочување.

    „Уметникот разговара со масоните и преку нивните монолози, се обидува да ги разбере нивните потреби да го уништуваат светот“, додава тој.

    Сценографијата е на Љупчо Јованов, костимите на Елена Вангеловска и Антонија Гугинска- Јордановска.

    За прв пат музика за театарска претстава, работи композиторот и музичар Ади Имери, а кореографијата е на Александра Кочовска- Начева.

    Репризата е в петок.

    Б.НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира