Северна Кореја договори со Јужна Кореја да испрати голема делегација на претстојните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, но таа нема да вклучува само спортисти.
Тие ќе бидат придружувани од 230 навивачки од таканаречената „армија на убавици“, која треба да ја претстави понежната страна на еден од побруталните диктаторски режими на светот.
Во оваа група членуваат само девојки во свои 20-ти години, избрани од елитните универзитети, чие потекло строго се проверува, со цел да немаат никаква врска со пребегани Севернокорејци или со симпатизери на Јапонија, објавија кинеските медиуми.
„Тие мора да бидат високи над 1,63 метри и да доаѓаат од добри семејства. Повеќето од нив се студентки од престижниот универзитет ‘Ким Ил-Сунг‘“, вели Ан Чан-Ил од Светскиот институт за севернокорејски студии.
Бидејќи потекнуваат од угледни семејства, од нив не се очекува да пребегнат.
„Освен што се млади, високи и убави, тие и тренираат напорно, за да не направат ни најмала грешка. Нивната цел е да импресионираат луѓе, особено Јужнокорејци“, додава Ан.
Поранешна членка на оваа група е и Ри Сол-Ју, сопругата на лидерот Ким Џонг-Ун, која имаше 16 години кога настапи на Азиското атлетско првенство во Инчеон во 2005 година.